Русомир Богдановски. ФАРСА ЗА ХРАБРИОТ НАУМЕ или КАКО СЕ ПРАВАТ ХЕРОИ И КАКО КОРИСНО СЕ ИСКОРИСТУВААТ ЛИЦА: ДОИЛКАТА ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ ХЕРОЈОТ РАСТРБУШЕНТИЈ КОЛБАСАРОТ МАСНОТИЈ КАПЕТАН МАГДОНОС ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ ХРАБРИОТ НАУМЕ ПИРГА, жена на Храбриот Науме Сцена 1. (ПРЕД ГРАДСКАТА ПОРТА) (Втрчува Војниче Фалбаџиче) ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Циценце! (Излегува) (Влегува Доилката) ДОИЛКАТА: Кога македонските синови би јуришале на непријателот, како што јуришаат на моите цицки, никогаш не би претрпеле пораз! (Излегува) (Дотрчува Војниче Фалбаџиче) ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Циценце! Каде си, циценце? Не ме дослуша како ги издржав непријателските мачења! Се плаши да слуша, а има и зошто. Вчера Византијците ме заробија и ме врзаа за суво дрво на Ридот на костурите. Илјадници змии отровници лазеа кон мене. Бесни кучиња со крвава пена на устата ме душкаа. Птици мршојадни кружеа околу мојата глава со парчиња човечка кожа во канџите. Ја гледав смртта в очи. Одеднаш, токму кога се простив од овој убав свет, кучињата, птиците и змиите се степаа за моето складно и војнички развиено тело. Во тепачката ги изгризаа јажињата со кои бев врзан! Ги оставив да се тепаат и избегав трчајќи по острите камења додека сиот окрвавен не паднав покрај еден извор... (Влегува Доилката) ДОИЛКАТА: Јуначиште! ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Циценце! (Излегуваат. Влегува Растрбушентиј) РАСТРБУШЕНТИЈ: Распродажба! Војнички шлемови од најновата битка со Византијците! Евтино! Непријателски шлемови и наши шлемови! Повелете, погледнете! Изберете. Со овој шлем што ја штител главата на непознатиот војник можете да го украсите вашиот стан! Како? Ќе ви помогнам со бесплатен совет. Шлемот закачете го на ѕид, а под него вкрстете сабји, мечови, ножеви или остаток од некое друго оружје! Препорачувам над сето тоа да го ставите и нашето знаме! Или, издупчете го шлемот, ако веќе не е издупчен, и во секое дупче ставете цвеќенце. Користете ги шлемовите како саксии. Згодно, нели? Сака некој? Не? Простете што ве вознемирував. Извинете. Пријатно. (Поаѓа. Се враќа) Знам зошто не купивте! Се плашите да не ви продадам копии. Имате чест! Јас сум Страшниот Растрбушентиј, повеќекратниот херој на Македонија! Да, оној истиот херој Растрбушентиј чиј гроб се наоѓа на старите гробишта, во алејата на хероите, под жална врба и во жална состојба! Што е? Не верувате дека сум жив? А верувате дека сум мртов? Не сте единствени. Мојата смрт е приказна на која сите заработиле, освен мене. Сака ли некој шлемови? Не? Пријатно. (Поаѓа. Се враќа) Ми текна! Го имам она што го барате! Барате нешто што ми припаѓало лично мене, на славниот Растрбушентиј? Еве, специјално за вас, рачка од мојот меч. Парче од мојата панцирна кошула! Мојот штит со илјадници траги од крвавите битки! Имам и прекрасна збирка на ордени... Кој сака? Никој? Не сте при пари? Се извинувам, ама, чест секому вересија никому! Не знаете што пропуштате! Здравје, друг пат. Пријатно. (Поаѓа. Застанува) Ако нешто друго ве интересира, може да набавам! (Влегува Капетан Магдонос) КАПЕТАН МАГДОНОС: Каде си, Растрбушентиј? Те барам низ цел град! Веќе помислив дека навистина си мртов. РАСТРБУШЕНТИЈ: Не сум сигурен ни дека сум жив. КАПЕТАН МАГДОНОС: Јас сум коњичкиот капетан Магдонос! (Кон публиката) Не чудете се што дојдов без коњ, јас коњички капетан! Ми цркна пред малку. Толку го терав да трча барајќи го овој овде. РАСТРБУШЕНТИЈ: Зошто одеднаш сум толку потребен? КАПЕТАН МАГДОНОС: Собранието ми даде задача да те најдам и да купам еден ловоров венец за тебе! РАСТРБУШЕНТИЈ: Зошто ти е ловоров венец? КАПЕТАН МАГДОНОС: Како, зошто ми е? Потребен ~ е на татковината за да го закити со него челото на својот најдобар син, Храбриот Науме! Нашиот нов херој! РАСТРБУШЕНТИЈ: Кој Науме? КАПЕТАН МАГДОНОС: Оној што има чевларско дуќанче на периферијата на градот. РАСТРБУШЕНТИЈ: Оној крпачот? КАПЕТАН МАГДОНОС: Токму тој! РАСТРБУШЕНТИЈ: Тој бил храбар? Но, тој се плаши и од сопствената сенка! КАПЕТАН МАГДОНОС: Доста се чудиш. Јуначиште е тој! Одамна не сме имале таков херој! Нели рано сабајлево, пред зори, нè нападна непријателот? РАСТРБУШЕНТИЈ: Кој непријател? КАПЕТАН МАГДОНОС: Вечниот непријател! РАСТРБУШЕНТИЈ: Нам сите непријатели ни се вечни. Само пријателите ни се краткотрајни. КАПЕТАН МАГДОНОС: Здружените историски непријатели - Византијците! РАСТРБУШЕНТИЈ: Знам, ги победивме. КАПЕТАН МАГДОНОС: Храбриот Науме ги победи! Сам растерал цел непријателски одред! РАСТРБУШЕНТИЈ: Сам? КАПЕТАН МАГДОНОС: Сабајлево бевме на позиција во полето покрај Црна Река. Магла паднала по полето. Целото поле го покрила. Византијците ја искористија маглата и ненадејно нè нападнаа! Гиневме, а не можевме да го видиме непријателот. Лелеци! Крици! Стенкања! Кога маглата се крена, целото поле беше полно со трупови на нашите војници. Почнавме да бегаме. И тогаш, кога непријателот почна да нè напаѓа со сета сила, се појави Храбриот Науме! Како да изникна од земјата! Непријателот напредуваше право кон него. Тој, ни да се помрдне од местото! Стои, мавта со мечот и ги стрела со својот молскавичен поглед! Рика како ранет лав: „Удрете на непријателот! Сосечете ги! Напред! Ура! Смрт на душманите!“ И Византијците застанаа! Ги фати паника, го фрлија оружјето, почнаа да бегаат како без глава! РАСТРБУШЕНТИЈ: Види го ти него! КАПЕТАН МАГДОНОС: После стигнав јас со коњицата и го разбивме непријателот. Собранието изгласа Храбриот Науме да се прогласи за херој и да му се додели ловоров венец! РАСТРБУШЕНТИЈ: Значи друштвото на хероите се зголемува? КАПЕТАН МАГДОНОС: Таков народ сме Растрбушентиј - херојски! И земјата ни е херојска! Воздухот, водата, храната, поднебјето, историските и климатските услови овозможуваат нашите мајки да раѓаат повеќе херои од мајките во другите народи! РАСТРБУШЕНТИЈ: Се восхитувам на неговата храброст, но не ми е јасно зошто треба јас да ти дадам ловоров венец кога државата располага со специјална градина за ловорови венци! КАПЕТАН МАГДОНОС: Во државната градина нема повеќе ни едно ловорово ливче! Ти си еден од нашите херои кој добил најмногу ловорови венци за храброст... РАСТРБУШЕНТИЈ: И? Дошло време старите заслуги да се одземаат? КАПЕТАН МАГДОНОС: Сакаме да откупиме еден ловоров венец од тебе. РАСТРБУШЕНТИЈ: Жал ми е, но немам веќе ни еден ловоров венец. Последниот ~ го дадов на мојата газдарица за да направи ѓаволов сос! Старата ѓаволица ме повика на вечера! КАПЕТАН МАГДОНОС: Одам да ~ го земам тој ловоров венец! РАСТРБУШЕНТИЈ: Зарем ќе ми ја расипеш вечерата поради прогласување нов херој? КАПЕТАН МАГДОНОС: Морам! Државата бара! Татковината ме вика! (Излегува) РАСТРБУШЕНТИЈ: Кој ѓавол ме натера да му кажам? Ѓаволскиот сос ѓаволски добро повикува на ѓаволштилаци! Крвта зоврива... Снагата се буди... (Поаѓа. Се враќа) За малку ќе заборавев! Можеби некој од вас сака да ме допре? Кој сака, нека повели. Еден допир еден денар. Искористете ја единствената прилика! Ракувајте се со херојот Растрбушентиј! За војници и ученици давам попуст! Сака некој? Само еден денар! Не сакате! Извинете. Пријатно. Шлемови! Војнички шлемови од најстарите до најновите битки! Шлемови дупнати, шлемови напукнати, одлично сочувани шлемови! (Излегува) Сцена 2. (ГРАДСКИ ПЛОШТАД) (Влегува Маснотиј) МАСНОТИЈ: Свежи, мрсни, сочни, гурмански колбаси! Домашни колбавчиња, прсти да излижеш! Колбаси од подвижната мензичка на Маснотиј! Колбавче со праз, лутки колбавчиња, ловечки колбавчиња! (Кон публиката) Јас сум колбасарот Маснотиј, најдобриот и најевтиниот колбасар во градот! (Поминува Растрбуштениј) МАСНОТИЈ: Растрбуштениј, пријателе, зарем нема да земеш од најдобрите колбаси во државата? РАСТРБУШЕНТИЈ: Со задоволство би каснал пар колбаси, но се плашам дека ќе го претоварам желудникот. МАСНОТИЈ: Овие колбаси никогаш не го претоваруваат желудникот. Се топат во устата! РАСТРБУШЕНТИЈ: Прекрасно мирисаат. МАСНОТИЈ: Мирисаат на уште! РАСТРБУШЕНТИЈ: Да ти кажам право, лош ми е денот, ништо не продадов... МАСНОТИЈ: Земи, па ќе платиш друг пат. И мене не ми оди работата. Фамилијата едвај си ја ранам. Разбирам. Државата ни е опкружена од здружените непријатели. Борбите со вечните душмани ја празнат и државната каса и џебовите на луѓето. Но, ќе издржиме! Повели. Ако колбасите не ти се допаѓаат кажи ми мене, ако ти се допаѓаат кажи им на сите што ќе ги сретнеш. РАСТРБУШЕНТИЈ: Прекрасни се! Има и месо во колбасиве! МАСНОТИЈ: Што сè не правам за да ги привлечам муштериите! Ја спуштам цената, давам бесплатно кромитче, чашка винце и - пак ништо. Немам пари за поголема реклама. РАСТРБУШЕНТИЈ: Знам како можеш да ги привлечеш купувачите, а да не потрошиш ни пара. МАСНОТИЈ: Премногу убаво ми звучи за да поверувам. РАСТРБУШЕНТИЈ: Би можеле да заработиме толку многу што би се отвориле гостилница на влезот од градот, покрај езерото, во маслиновата шумичка! МАСНОТИЈ: За таква гостилница сонувам цел живот! РАСТРБУШЕНТИЈ: Ќе работиме ортачки? МАСНОТИЈ: Прифаќам! Што треба да правам? РАСТРБУШЕНТИЈ: Наша цел е гостилницата! Гостилница може да се добие со пари. Парите се стекнуваат со добра трговија! Добра трговија е онаа за која надалеку се слуша, а надалеку се слуша добриот глас! Добар глас е оној глас кој привлекува, а привлекува името! Името е мамката! Колку поголемо име толку поголем успех. Ново, свежо, големо име, за кое сите зборуваат. Денес најголемо име е Храбриот Науме! МАСНОТИЈ: Храбриот Науме? Го чув тоа име на пазарот. РАСТРБУШЕНТИЈ: Разгласи дека кај тебе јадел колбаси Храбриот Науме и наскоро ќе го почувствуваме благотворното делување на мојата замисла! МАСНОТИЈ: Но, тој не јадел колбаси кај мене. РАСТРБУШЕНТИЈ: Воопшто не е важно. Само, разгласи го тоа. Неговото име ќе ги привлече луѓето подобро од миризбата на твоите колбаси. МАСНОТИЈ: Како тоа? РАСТРБУШЕНТИЈ: Цел живот ќе можат да раскажуваат дека јаделе колбаси кај истиот колбасар кај кого јадел и Храбриот Науме! МАСНОТИЈ: Не губам ништо ако пробам. РАСТРБУШЕНТИЈ: Отидов да разгласам низ градот за твојот славен муштерија, Храбриот Науме! Ќе се најдеме овде, приквечер - богати! (Излегува) МАСНОТИЈ: Цел живот верував дека колбасите ќе бидат познати по оној што ги прави, а излезе дека ќе бидат познати по оној што ги јаде. Но, да видам дали Растрбушентиј е во право. Навали народе! Колбавчиња што ги јадел Храбриот Науме! Топли, свежи, сочни, домашни колбаси што ги јаде Храбриот Науме! (Влегува Војниче Фалбаџиче) ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Јас ли сум првиот? Никој не е пред мене? МАСНОТИЈ: Прв си. Лесна ти рака. ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Не ми е баш лесна. Непријателот знае колку ми е тешка раката! МАСНОТИЈ: Колку? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Многу тешка! МАСНОТИЈ: Прашувам, колку колбаси сакаш? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Еден пар. Не ме знаеш? Во иста чета сум со Храбриот Науме! МАСНОТИЈ: Навистина? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Еднаш му го спасив животот. Непријателскиот нож леташе кон срцето на Храбриот Науме. Скокнав пред него и го одбив со главата. Речиси да нема војник во нашиот гарнизон на кој не сум му го спасил животот! Велиш, јас сум првиот што јаде од колбасите на Храбриот Науме? МАСНОТИЈ: Прв си. ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Во сè сум прв! На сите во касарната ќе им кажам дека сум прв! (Излегува. Влегува Доилката) ДОИЛКАТА: Ќе се онесвестам од радост. МАСНОТИЈ: Ќе се онесвестам од овие цицки. ДОИЛКАТА: Вистина ли е дека Храбриот Науме пред секоја битка јадел од овие колбаси и така станувал бесмртен? МАСНОТИЈ: Веќе се расчуло? ДОИЛКАТА: Чув дека во битката искорнал столетен даб и со него ги метел непријателските одреди? МАСНОТИЈ: Можам да го кажам само она што сум го видел, а него го видов како уби бик со прст. После од бикот направив колбаси. Колку колбаси сакаш? ДОИЛКАТА: Еден пар! Ах, влакно во колбасов! МАСНОТИЈ: Ништо, тоа е влакно од брадата на Храбриот Науме! Носи среќа! ДОИЛКАТА: Ќе го ставам влакново во медалјонче, медалјончето ќе го врзам на ланче, ланчето ќе го врзам околу вратот, медалјончето да ми лежи токму меѓу цицките! МАСНОТИЈ: Зошто не можам јас да бидам на местото на тоа медалјонче? ДОИЛКАТА: Од возбуда ќе заборавев! Госпоѓата кај која работам порачува десет колбаси и прашува дали Храбриот Науме го доела лавица или волчица? Уште од сабајлево се кара околу тоа со својот маж. МАСНОТИЈ: Ја сакаш целата приказна или... ДОИЛКАТА: Без скратувања! МАСНОТИЈ: Мајка му го роди со тешки маки, оти веќе беше облечен во комплетна воена опрема! Штитот и мечот ги држеше напред и тоа многу пречеше при раѓањето! Мајка му за малку ќе испуштеше душа! Тогаш една стара бабица му подаде ловоров венец и тој, од радост по венецот, истрча надвор! Веднаш летна да се бори со непријателот! Не го доела ни лавица ни волчица, туку веднаш јадеше од овие колбаси! ДОИЛКАТА: Значи мојата госпоѓа се кара околу измислици? Одам да го спречам разводот на бракот! (Доилката излегува) МАСНОТИЈ: Кога би знаел што сè ќе ме прашаат па да се подготвам! (Влегува Зигфрид Археологот) ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Најпосле пристигнав во древната Македонија. Македонија - бисерот балкански! Еве еден древен Македонец. Здраво древен Македонецу! Што убаво мириса? Што ти е тоа во казанчето? МАСНОТИЈ: Колбаси „Храбриот Науме“! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Одлично! Многу сакам колбаси! Дај ми еден пар! МАСНОТИЈ: Трговец? ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Археолог! Јас сум археологот Зигфрид! Голем обожавател и истражувач на македонската земја! Македонија е голема тајна! Богати археолошки наоѓалишта... Многу се вкусни... МАСНОТИЈ: Колбаси „Храбриот Науме“ - најубавото од Македонија! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Барам стари македонски гробови... Да не знаеш каде се наоѓа гробот на Херојот Растрбушентиј! МАСНОТИЈ: Не. Но знам еден кој знае. ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Одлично! Кој знае? МАСНОТИЈ: Како да ти објаснам... Еден стар човек, продава шлемови... Пред малку тргна натаму... Ако појдеш веднаш ќе го стигнеш. ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Одлично! Благодарам, древен Македонецу... Догледање... МАСНОТИЈ: Прво плати. Еден сребреник... ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Сребреник? За колбасите? МАСНОТИЈ: Ова се колбаси што ги јадел нашиот херој Храбриот Науме! Специјални колбаси што ги јадат македонските синови пред да одат во борба! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Редок пример на воено стимулативно средство! Одлично. Нема да ги изедам. Ќе ги сочувам за во музеј. Збогум, древен Македонецу! (Заминува) МАСНОТИЈ: Изгледа дека и Растрбушентиј ќе заработи нешто денеска! Но, да одам понатаму. Ајде, народе, топли, вкусни колбаси што ги јаде Храбриот Науме! Сцена 3. (ОДАЈЧЕТО НА ХРАБРИОТ НАУМЕ) НАУМЕ: Јас сум Храбриот Науме. Порано бев само Науме крпачот. Не ме замислувавте ваков? И јас би сакал да сум поинаков. Знаете што правам? Се плашам некој да не дојде пред да го извадам трнот од петицата. Трниште! Овој трн ми го сврте целиот живот наопаку. Штом Византијците не нападнаа, обземен од страв, почнав да бегам колку што ме носат нозете. Не бев единствениот што бега, но бев најнесреќниот. Нагазив на овој трн. Ми се зари во петицата, но како во срцето да ми се зари. Изгубив здив. Се скаменив. Непријателот јуришаше кон мене. Цела сурија! Страшно изгледаа! И самите знаете дека никој не изгледа толку страшно колку непријателот. Смртниот страв ми се измеша со смртната болка, почнав да викам. Не знам што сум викал. Непријателските војници го фрлија оружјето и почнаа да бегаат. Тогаш дојдоа нашите резервни одреди и почнаа да ги бркаат. Уште се дерев, што од болката што од стравот, кога нашите војници ме кренаа на раменици. Викаа. „Да живее храбриот Науме! Да живее бестрашниот Науме!“ До дома ме донесоа на раце и тоа ме спаси да не видат дека трнот ми е во петицата, а душата под трнот. Ќе ми се подбиваат, ако ја дознаат вистината. Ноќта ја поминав во болки и страв жена ми да не ме клоцне во сонот. Тешко мене ако жена ми дознае за ова. Цел живот ќе ми ја јаде душата со шеги на моја сметка. Штом ќе излезе сонцето излегува и нејзиното јазиче. И коските ми ги крши! (Влегува Пирга) ПИРГА: Уште лежиш? НАУМЕ: Кога лежам мечтаам, а кога мечтаам копнеам по тебе... ПИРГА: Сонцето е високо на небото, а ти не си закрпил ни една сандала! НАУМЕ: Каде си ти до сега? ПИРГА: Каде и секој ден. Перам, чистам... НАУМЕ: Има ли многу свет на плоштадот? ПИРГА: Не можам да се начудам. НАУМЕ: Што има чудно? ПИРГА: Ти си чуден. НАУМЕ: Што има чудно на мене? ПИРГА: Како тоа ти да не си надвор? НАУМЕ: Што би правел јас надвор? ПИРГА: Сите ја слават победата! НАУМЕ: Си видела ли некој да го слави поразот? ПИРГА: Само за тебе зборуваат. НАУМЕ: Што има за мене да се зборува? ПИРГА: Се зборува дека сам си растерал цел непријателски одред. НАУМЕ: Ме знаеш ти мене. ПИРГА: Затоа што те знам и се сомневам во тоа. Ти и со мене спиеш затоа што ти е страв ноќе да спиеш сам. НАУМЕ: Спијам со тебе за да се убедам дека барем ноќе молчиш. Би успеал во тоа да не зборуваш и во сон. ПИРГА: Довери ~ се на својата женичка. НАУМЕ: Немам што да ти доверам. ПИРГА: Каде си се скрил? НАУМЕ: Бев во првите редови. ПИРГА: Во првите редови на страшливците. Каде беше? НАУМЕ: Покрај реката. ПИРГА: Значи, крајот на битката си го дочекал на дното од реката дишејќи низ трска? НАУМЕ: Не е така. ПИРГА: Туку како? НАУМЕ: Се борев. ПИРГА: Со мислата на која страна да бегаш? НАУМЕ: Непријателот бегаше! ПИРГА: Непријателот бегаше, а ти трчаше пред него. НАУМЕ: Непријателот не знаеше каде да бега, па бегаше по мене. ПИРГА: Секако. Ги знаеш сите места за криење. НАУМЕ: Не се криев! ПИРГА: Очекуваш да верувам во таа приказна дека си растерал цел непријателски одред? Страв ти е да растераш три лебарки, ако се на купче! НАУМЕ: Храброста затоа и се цени, што ненадејно знае да се појави и кај оние што најмалку ја имаат. Ја знаеш ли приказната за онаа баба што се плашела да се качи на троножец, а се качувала и на највисоките дрвја за да го шпиунира непријателот? ПИРГА: Ми текна. Си бил пијан! НАУМЕ: Ни капка вино не сум испил, жими тебе. ПИРГА: Си пиел. Пиеш пред секоја битка. Пиеш и на секој знак за тревога. Пиеш и глушец да шушне. НАУМЕ: Бев трезен. И сега сум, за несреќа. ПИРГА: Дувни да видам. (Науме и дувнува в лице) ПИРГА: Смрдиш на лук! НАУМЕ: Нормално, јадев лук. ПИРГА: Си јадел лук за да не те осетам. НАУМЕ: Не е баш така. ПИРГА: Туку баш како е? НАУМЕ: Јадев лук за да го истерам стравот. Лукот е најдобар лек против стравот! Против зли сили, уроци, притисок... ПИРГА: Пијан си! НАУМЕ: Не сум. ПИРГА: Докажи. НАУМЕ: Кога сакаш. ПИРГА: Сега сакам. НАУМЕ: Сега веднаш или сега малку попосле? ПИРГА: Стани и прошетај по собава. НАУМЕ: Зошто? ПИРГА: Ако одиш право не си пијан. НАУМЕ: Кога нешто сум те излажал? ПИРГА: Кога не си излажал? Ајде, шетај. НАУМЕ: Главата ме боли. Ми се мати свеста. ПИРГА: Мора да ти се мати кога си се натрескал. НАУМЕ: Да бев натрескан не ќе имав работа со непријателот туку ќе спиев во некој џбун. ПИРГА: Некоја ујдурма мора да си направил. Кажи ми што си направил? НАУМЕ: Јас, ништо. Ме одведоа како обичен човек и ме вратија како херој. ПИРГА: Штом си без мене, правиш глупости. Кажи ми што си направил, за да ти помогнам дури е време. Кажи ми ја вистината. НАУМЕ: Вистината? Која вистина? ПИРГА: Ако не можам вистината да ја најдам дома ќе ја најдам на улица. НАУМЕ: И други ја барале вистината на улица, но освен ќотек ништо друго не нашле. Зар пак ќе излезеш? ПИРГА: Баш тоа го сакам. (Пирга излегува) НАУМЕ: И јас тоа го сакам: Сега можам на мира да го вадам трнов. (Влегува Капетан Магдонос) КАПЕТАН МАГДОНОС: Здраво живо, Храбар Науме, срце јуначко, македонско! НАУМЕ: Капетан Магдонос? КАПЕТАН МАГДОНОС: Не станувај. НАУМЕ: Од каде ти? КАПЕТАН МАГДОНОС: Од Собранието! Ми цркна коњот брзајќи да стигнам до тебе. НАУМЕ: Што е толку итно? КАПЕТАН МАГДОНОС: Крени ја главата. Биди горд! Собранието ти додели ловоров венец за храброст и те прогласи за херој! НАУМЕ: Мене? Зошто мене? КАПЕТАН МАГДОНОС: Не растерав јас цел непријателски одред туку ти! Ти се восхитувам! Собранието се гордее со тебе. За ниеден херој не се кажаа толку убави зборови како за тебе! Очекуваме вечерва да дојдеш во собранието. НАУМЕ: Што барам јас во собранието? КАПЕТАН МАГДОНОС: Таму, пред народот и пред целото собрание, ќе те прогласат за херој и ќе те овенчаат со ловоров венец. НАУМЕ: Зошто баш јас? Не се борев само јас. КАПЕТАН МАГДОНОС: Со тебе се враќаат сеќавањата на нашите стари славни времиња! НАУМЕ: Од старите времиња ни се вратија само старите непријатели. КАПЕТАН МАГДОНОС: И се восхитувам на твојата скромност. НАУМЕ: Те молам, извини ме во собранието. КАПЕТАН МАГДОНОС: Не те разбирам. НАУМЕ: Кажи им, имам трн во ногата, не можам да одам. КАПЕТАН МАГДОНОС: Смешно е. НАУМЕ: Кажи им: „Науме мисли дека не е достоен за таква почест.“ КАПЕТАН МАГДОНОС: Не оди тоа. Што има Науме да мисли? Замисли непријателот да разбере дека Науме мисли поинаку од собранието? Ќе го навредиш собранието, а со тоа и народот. Може да паднеш во немилост. Помисли што ќе речат нашите здружени непријатели кога ќе чујат дека одбиваш да бидеш херој? Ќе речат дека не сме зрели да имаме наша држава! Застани овде. НАУМЕ: Зошто? Што е тоа? КАПЕТАН МАГДОНОС: Ми треба отпечаток од твоето стапало. НАУМЕ: Што ќе ти е? КАПЕТАН МАГДОНОС: Твоето херојско стапало, излиено во бронза и поставено на плоштадот, ќе биде симбол на цврстината на нашата држава! Како што си стоел цврсто на нозете во бојот, така и нашата држава ќе стои и ќе опстојува пред нападите на непријателот! НАУМЕ: Морам ли? КАПЕТАН МАГДОНОС: Наредба. НАУМЕ: Имам малечко стапало. КАПЕТАН МАГДОНОС: Не е важно. НАУМЕ: Нема ни да се забележи. КАПЕТАН МАГДОНОС: Ќе го зголемиме. НАУМЕ: Стапалото ми е криво. Малиот прст ми е поголем од палецот. Меѓу прстите имам кожа како шатките. КАПЕТАН МАГДОНОС: И двете стапала ти се такви? НАУМЕ: Другово е уште полошо. КАПЕТАН МАГДОНОС: Да видам? НАУМЕ: Што ќе видиш? Копито. КАПЕТАН МАГДОНОС: Не зборувај навредливо за стапалото на Храбриот Науме. НАУМЕ: Но тоа е мое стапало! КАПЕТАН МАГДОНОС: Сега тоа се стапала на нашата славна историја! НАУМЕ: Дустабанлија сум! Имам шест прсти на левата нога и седум на десната! КАПЕТАН МАГДОНОС: Па што? Тоа се херојски мани! Зошто јас ги немам тие мани? Не сум предодреден за херој. НАУМЕ: Земи отпечаток од твоето стапало. Погледни колку е претставително, големо, личи на херојско! КАПЕТАН МАГДОНОС: Вистина, такво е. НАУМЕ: Твоето стапало многу повеќе одговара на стапалото на Храбриот Науме, отколку моето. КАПЕТАН МАГДОНОС: Знаеш дека си во право? Ќе ти направам услуга. Сè поради државата. Само, никому ни збор за ова? (Се собува истапнува на плочата) НАУМЕ: Никому! Ете, готово. КАПЕТАН МАГДОНОС: Фала ти, Храбар Науме! Ова стапало ќе биде величенствен симбол за цврстината на нашата држава! Одам. Татковината ме вика! (Излегува) НАУМЕ: Што ли сè ќе се случува поради еден трн? Јас херој? Како да се извлечам од ова? Сцена 4. (ГРОБ ПОД ЖАЛНА ВРБА) (Влегува Растрбуштениј) РАСТРБУШТЕНИЈ: Добро е. Дојдов на време. Археологот уште го нема. Ме препознавате ли? Не? Тоа сум јас, херојот Растрбуштениј, продавачот на стари шлемови. Веднаш ќе ви откријам зошто сум облечен во оваа стара војничка облека и наоружан до заби. Ме сретна археологот Зигфрид и ме праша дали случајно знам каде се наоѓа гробот на херојот Растрбуштениј. Како не знам! Ене го, на старите гробишта на хероите, под жална врба! Ми рече дека сака да го купи. За малку ќе го бакнев од радост. Најпосле и јас да видам некое фајде од мојата смрт. Му објаснив како да дојде до гробиштата, но го предупредив дека гробот го чува внукот на херојот. Погодувате? Јас сум сега мојот сопствен внук. Одамна не сум си го посетил гробот. Зар мојава смрт не е шега на животот? Или, можеби е шега на историјата? Во историјата сум мртов и славен херој. Во животот сум жив и непознат. Има херои што се знајни и херои што се незнајни. Каква е разликата меѓу знајниот херој и незнајниот? Незнајните херои постојат заради оние мајки кои не знаат каде гнијат телата на нивните синови и ќерки. Незнајниот херој е измислен за нивна утеха. На гробот на незнајниот херој секогаш има повеќе венци и цвеќе, затоа што има повеќе мајки кои не знаат каде им загинал синот или ќерката. Незнајниот херој е општ син на општите мајки. Народниот херој чие име се знае, чие име го носат улиците, мостовите, има посебна мајка. Последниот пат ја видов мајка ми во еден страшно жежок летен ден. Седеше во кујничето полно со муви. Мувите ~ шетаа по лицето, а таа не ги чувствуваше. Не ме препозна. Беше стара, склеротична, и не се сеќаваше дека сум ~ син. Понекогаш, ќе се сетела на мене, како дете, па талкала по улиците викајќи го моето име, загрижена зошто не сум во постелата. Незнајниот и знајниот херој се два вида херои. Заедничко им е тоа што и двајцата се бореле за „сонцето на слободата“, „новиот живот“, „светлата иднина!“ Разликата е во тоа што никој до сега не ги напишал мемоарите на незнајниот херој. Бројот на оние кои пишуваат мемоари за знајниот херој се зголемува со бројот на годините кои поминале од денот кога знајниот херој загинал. Има повеќе приказни за мојата херојска смрт и во секоја сум загинал на различно место, во различно време и на различен начин. И секој од тие мемоарџии тврди дека е во право, а другите лажат. Тие живеат од смртта на херојот. Еднаш, одамна, напишав книга, во која ја кажав вистината, дека мојата смрт е грешка на историјата, дека не сум загинат, дека сум сè уште жив. Ме претепаа, книгата ја уништија, бев во затвор затоа што го сквернавам името на херојот, а после ме пикнаа и во лудница. Од лудницата ме пуштија, после многу години, откако сите од мојата генерација умреле, а новите времиња создале нови херои. Слободно кажував дека јас сум херојот Растрбушентиј, но не ми веруваа. Тоа веќе никого не го интересираше. Тогаш, над овој гроб, под оваа жална врба, плачејќи над сопствената судбина, си реков: штом веќе сум мртов ќе живеам од својата смрт. Почнав да ги продавам работите што ми припаѓаа додека бев жив. Сега продавам и туѓи како да се мои. Од својата смрт не живеам така добро, како другите што живееја од неа, но сепак, живеам. Понекогаш сакам да сум мртов, да умрам, но смртта не ми доаѓа. И смртта како да не верува дека сум жив. Еве го археологот! Ќе му го продадам мојов гроб што поскапо! (Шета околу гробот) (Влегува Зигфрид) ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Стигнав. Одлично! Богато наоѓалиште на древни македонски гробови! РАСТРБУШЕНТИЈ: Стој! Ни чекор повеќе! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Здраво, чесно Македонче! Споредено со сликата на гробот, би рекол дека многу личиш на дедо ти, славниот Растрбушентиј! РАСТРБУШЕНТИЈ: Ова е свето место! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Затоа и дојдов. РАСТРБУШЕНТИЈ: Овде почива јунакот Растрбушентиј, кој го положи својот живот на олтарот на слободата за својата татковина! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Би сакал да се поклонам на гробот. РАСТРБУШЕНТИЈ: Може. Цвеќињата и свеќи се купуваат кај мене. И книга. Спомени за херојот Растрбушентиј. Од мене. И слики од детството на Растрбушентиј. Скулптурички. Сам ги правев. ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Ги купувам сите. РАСТРБУШЕНТИЈ: Повели. Но, не се задржувај многу. Очекувам делегација од собранието и група ученици што ќе му положат венец. ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Навистина, гробот на Херојот Растрбушентиј! Скромен и достоинствен епитаф. Од нажалената држава! Чесен Македонецу, би сакал да го купам гробот на овој херој. РАСТРБУШЕНТИЈ: Зар гробот на мојот славен предок е некаква стока? Ќе те сосечам! Парче ќе те направам! Овој гроб е најдоброто од Македонија! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Ќе го чувам во светски прочуен музеј! РАСТРБУШЕНТИЈ: Растрбушентиј, да знаеш што се случува овде, во гробот би се превртел! Ние Македонците не се продаваме! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Ова е мојата понуда. РАСТРБУШЕНТИЈ: Толку малку? Тоа е уште поголема навреда! О, свети воини на Македонија, излезете од гробовите и погледнете го овој бесрамен странец колку малку ве цени! Ќе ти го наденам џигерот на ова копје со кое лично Растрбушентиј се борел со непријателот! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Колку бараш за да го носам? РАСТРБУШЕНТИЈ: Ќе те прободам со мечот на Растрбушентиј! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Дуплирам. РАСТРБУШЕНТИЈ: Од тебе човек ќе побрлави! Само каменот за плочата вреди многу повеќе! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Триплирам. РАСТРБУШЕНТИЈ: Спомна златници: ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Цело време за нив зборувам. РАСТРБУШЕНТИЈ: Дај ја раката! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Одлично! РАСТРБУШЕНТИЈ: Еве ти го и оружјето на Растрбушентиј што се чуваше од колено на колено. Не ми треба повеќе. Немам повеќе кого да чувам. Сакаш да те одведам до гробовите на други македонски херои? Малку се запуштени, испокршени, коров ги обвил... ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Друг пат... РАСТРБУШЕНТИЈ: Сè славни борци за слобода на македонската држава. Сега им е падната цената. Можеби еден ден ќе им рипне, па ќе заработиш? ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Нека почиваат во мир. РАСТРБУШЕНТИЈ: Тогаш, збогум. Чувај ги славните остатоци од мојот славен предок! Збогум, дедо! Заминувам со солза во око, со болка во срцето и со парите во џебот! Збогум Археологу, и наврати пак. (Излегува) ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Збогум, чесен Македонецу! Одлично! Дадов малку, а добив многу повеќе! Работата во овој слој многу ми се исплати. Каде ми е археолошкиот алат? Жими археолошкото чувство, сум ги заборавил во долниот слој. Одам по археолошката количка! (Излегува) (Влегува Доилката) ДОИЛКАТА: Јуначе? Храбар мој, јуначе! Каде си? (Излегува) (Влегува Војничето Фалбаџиче) ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Циценце! Каде си? Ми избега. Сакав да ~ кажам дека следниот херој ќе бидам јас. Жив или мртов. Глеј, гробишта. Херојски гробишта. Циценце, каде си? Еден ден и јас храбро ќе загинам. За слободата на Македонија, секако. Ќе дојдеш на мојот гроб и ќе слушаш како ми држат говор. Зар него го нема? Тоа е тажен и непоправлив факт. Смртта го одвои од нас кои најмногу го сакавме. Но, неговата смрт не е обична смрт. Тој загина бранејќи ја својата татковина. Загина со славна смрт. Со неговата смрт сите ќе се гордееме. Каменот за неговиот гроб е натопен со крвта на нашите непријатели. За тој камен се бореше. И го доби. Ни останува уште да се простиме од него. Простувањето со него не е и разделба од него. Ќе остане да живее во нашето срце, во нашата душа, во нашите сеќавања. Неговата иднина не е завршена. Ние сме неговата иднина. Неговиот живот не е завршен. Ние сме продолжувачи на неговиот живот. Ние ќе ја оправдаме неговата смрт. Ние ќе го оствариме сонот за кој се бореше. Неговото сонце на слободата ќе го пренесуваме од поколение на поколение. Слава му! Циценце? Добар ли беше говорот? Циценце? Ме слушаш ли, циценце? Црцорењето на птиците ја нарушуваше тажната и свечена атмосфера. Ќе треба да ги замолчат и птиците додека трае мојот славен погреб! (Влегува Доилката) ДОИЛКАТА: Јуначе! (Доилката излегува) ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Циценце! Чекај ме, циценце! (Војниче Фалбаџиче излегува. Влегува Зигфрид Археологот со археолошката количка) ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Одлично! Со археолошката количка ќе го однесам гробот без да го оштетам. Секое оштетување може да му ја намали цената! Одлично! До гледање, древни Македонци, славни чеда на славните претци! До видување до следниот слој! (Излегува влечејќи ја количката со гробот и жалбата врба) Сцена 5. (ОДАЈЧЕТО НА ХРАБРИОТ НАУМЕ) НАУМЕ: Го извадив трнот! Еве го. Не бил голем. Обичен трн! Не само што ми направи дупка во стапалото туку ми направи дупка и во животот. Овој трн отсега натаму ќе ми одредува како да живеам, што да мислам, што да правам, што да зборувам. Ќе мора да се сеќавам само на она што трнот ќе се сеќава. Ќе ме натера сè да заборавам, освен него. Трнот за мене ќе бара разни привилегии, почести. Ќе ме тера да одам по прослави каде што ќе раскажувам за себе и за славната битка. Ќе бара целосно да му се посветам. Еден ден ќе забележам дека ме нема. Сум се престорил во трн. Сум станал трн. Ќе се спасам од трнот, ако признам дека трнот е херојот. (Влегува Пирга) ПИРГА: Ти текна да станеш? НАУМЕ: Ти текна да дојдеш? Се каам поради грешната мисла дека нашиов дом е единственото место каде што не можеме да се сретнеме. Што си така раскубана? ПИРГА: Се тепав. НАУМЕ: Не ти е прв пат. Каде? ПИРГА: На плоштадот. НАУМЕ: Значи имало и публика? Со кого? ПИРГА: Со твојата жена. НАУМЕ: Со мојата жена? Сакаш да кажеш дека си се тепала сама со себе? Добро си се претепала. И зошто жена ми се тепала со жена ми? ПИРГА: Син ти ја предизвика караницата. НАУМЕ: Син ми? Не си ми кажала дека имаме син. ПИРГА: Не си го добил со мене. НАУМЕ: Туку со која? ПИРГА: Со самовила! НАУМЕ: Кој ти ги изнакажа овие глупости? ПИРГА: Еден млад војник. НАУМЕ: Од каде го знае тој сето тоа? ПИРГА: На сите граѓани им раскажа дека е твој син од љубовната врска со самовила. Ти си ја оплодил... НАУМЕ: Јас? И, кога сум ја оплодил? ПИРГА: Во мај, за време на пролетните празници! НАУМЕ: И како сум го направил тој свој син, војникот? ПИРГА: Си се враќал од големата битка со старите непријатели. Самовилата си ја видел како спие спружена под расцутена јаболкница. Гола. На главата имала венец од полски цвеќиња. Ветрецот ги ронел цутовите од јаболкницата и тие паѓале врз неа. Си посакал да ја имаш и си слетал врз неа. НАУМЕ: Сум слетал? ПИРГА: Прво си се престорил во пеперутка. НАУМЕ: Човек прави секакви глупости поради жена. ПИРГА: Си леткал околу неа, си застанувал на нејзиниот папок, гради, усни. Си се препелкал во нејзината коса. Дури и на скришно место си спуштил крилца. Потоа си се престорил во голем орел и си ја однел на небото, над облаците. Оттаму си се втурнал со неа во морето и си ја носел на грбот престорен во делфин. Тоа за мене никогаш не си го правел! НАУМЕ: А таа? ПИРГА: Таа ништо. НАУМЕ: Како тогаш сум добил син? ПИРГА: Дури кога си се престорил во бел бик таа се вљубила во тебе. Колку сум била будала! Ти дозволив да ме освоиш како обичен човек. НАУМЕ: Јас бел бик? ПИРГА: Тогаш сте трчкале во полето во љубовен занес, таа пеела, ти си рикал. И од тој љубовен занес ти се родил синот војник! НАУМЕ: Теле некое. ПИРГА: Штом војникот го заврши своето кажување од насобраната толпа граѓани се издвои една жена и крикна: „Сине мој! Сине мој, загубен!“ Во тој момент јас го треснав со камен син ти по глава, тогаш мајка му се фрли врз мене и почнавме да си ги кубеме косите! НАУМЕ: Не си требала да ги навредуваш нејзините мајчински чувства. ПИРГА: Не мислев тогаш на ништо. НАУМЕ: А граѓаните? ПИРГА: Тие навиваа. НАУМЕ: За кого? ПИРГА: Некои за мене, некои за неа. Дури и се обложуваа на нас. Кога ја изнатепав мајка му, го побарав и твојот син да го изнатепам, но избега. НАУМЕ: Се спасил, среќникот. ПИРГА: Тоа не е сè. НАУМЕ: Си се тепала со уште некого? ПИРГА: Со твоите мајки! НАУМЕ: Со моите мајки! Јас имав една мајка, бог да ја прости. ПИРГА: Сега ги имаш на секој чекор. И секоја е на различни години. Имаш и мајки кои се родени после тебе. Скоро да нема улица во која не се појавила барем една од твоите мајки. Некои ги продаваат своите мемоари за тебе. Некои бараат доживотна пензија од државата. Една тврди дека со својот допир лечи од неплодност, па редови жени и мажи стојат пред нејзината куќа. Друга отворила дуќан и ги продава облеките што си ги носел. НАУМЕ: Што е со татковците? Колку татковци имам? ПИРГА: Видов неколкумина кои го докажуваа своето татковство, но поради тоа добија добар ќотек. Луѓето не сакаат да веруваат дека си зачнат од обични суштества. Се појавија и твоите браќа и сестри. НАУМЕ: Но, јас ги немам. ПИРГА: Сега ги имаш. Имаш и многу пријатели! НАУМЕ: Но, ги немам. ПИРГА: Ги имаш и тоа многу. Направиле „Друштво на пријателите на Храбриот Науме“. Си помагаат еден на друг во разни зделки. Кажуваат многу преданија за тебе. Некоја пештера во планината ти си ја направил со меч. Во некое село покажуваат карпа со вдлабнато стапало што си го направил кога си слегол од коњот. Едно чудо извори протекле каде што се удрил со копјето. Да не ти кажам колку народни песни се пеат за Храбриот Науме. НАУМЕ: Каква збрка! (Влегува Капетан Магдонос) КАПЕТАН МАГДОНОС: Здраво Храбар Науме! ПИРГА: Срцето ми застана! КАПЕТАН МАГДОНОС. Се исплаши? Не плаши се. Покрај себе имаш бестрашен маж! Од брзање ми цркна коњот. Трет од сабајлево. ПИРГА: Цркнале од твојата тежина, а не од брзање! КАПЕТАН МАГДОНОС: Ајде, време е. ПИРГА: За што е време? КАПЕТАН МАГДОНОС: Треба да го одведам маж ти во собранието. ПИРГА: Што бара маж ми во собранието? КАПЕТАН МАГДОНОС: Како што бара? Сам, самичок го натера непријателот во бегство! ПИРГА: Си го видел тоа? КАПЕТАН МАГДОНОС: Јас со коњицата стигнав токму кога непријателот бегаше. Други ја имаа таа среќа да го видат мигот во кој од обичниот Науме се раѓа Храбриот Науме. Војнички речено, применил тактика да се збуни непријателот! Собранието треба да го прогласи Храбриот Науме за херој и да го овенча со ловоров венец! Време е да појдеме, Храбар Науме. НАУМЕ: Ти реков дека нема да одам во собранието. Жено, не ме давај. ПИРГА: Зар ќе му се спротивставиш на собранието? КАПЕТАН МАГДОНОС: Не лути го собранието. Претседателот на државата и собранието ќе се навредат ако не дојдеш. Народот ќе го навредиш. Што ќе помисли за нас непријателот? ПИРГА: Ајде стани, јас да не те станам. Кој те тераше да бидеш јунак? НАУМЕ: Фала ти, што ми помагаш. КАПЕТАН МАГДОНОС: Им ветив дека ќе дојдеш со мене. Ајде, стани, да одиме. НАУМЕ: Не можам. КАПЕТАН МАГДОНОС: Народот сака да те види. Пеш ќе отидеме до собранието. НАУМЕ: Тоа уште помалку го можам. КАПЕТАН МАГДОНОС: Ајде, стисни ги забите. Издржи ги овие мали обврски кон државата. Што ќе ти биде? Нема ништо да те боли. Ќе ти доделиме ловоров венец, ќе се избациме, ќе истрпиш неколку говори, после ќе се напиеме и готово. Ќе си бидеш слободен. НАУМЕ: Дури тогаш нема да бидам слободен. Да те прашам нешто, капетане? КАПЕТАН МАГДОНОС: Прашај, па да одиме. НАУМЕ: Дали ти веруваш дека јас сум бегал? И дека бегајќи сум го згрешил правецот и така сум налетал на непријателскиот одред? КАПЕТАН МАГДОНОС: Тоа е лага? Од кого ја чу? НАУМЕ: Секако дека е лага. Јас бегав таму каде што сигурно не беше непријателот. Но таму каде што не беше непријателот беше џбун со трња! Големи трња! КАПЕТАН МАГДОНОС: За што зборуваш сега? НАУМЕ: Кога Византијците нè нападнаа јас навистина почнав да бегам. Колку што непријателот беше поблиску до мене, толку стравот ми беше поголем. И така, кога непријателот ми беше најблиску, а стравот најголем, влегов во трњето. Еден трн ми ја проби сандалата и ми се зари во петицата! Небото ми се урна врз главата! Не можев повеќе да бегам. Чувствував смртен страв. Почнав да се дерам. Не се сеќавам што сум викал. Велат дека сум викал: „Удрете на непријателот! Сосечете ги! Парчосајте ги! Опколете ги! Смрт на непријателот!“ И тие почнале да бегаат. Тогаш дојдоа нашите и ги спотераа. ПИРГА: Така значи? Сега ми е јасно! КАПЕТАН МАГДОНОС: Што ти е јасно? Ништо не ти е јасно! Ти, Науме, баш знаеш да измислуваш. НАУМЕ: Ништо не измислувам. Еве го трнот. КАПЕТАН МАГДОНОС: Убаво приказниче си измислил. Дури и трн си нашол за да ја поткрепиш твојата измислица. Не би ме зачудило и кога би ми покажал дека ногата ти е крвава. И сè поради тоа што сакаш да ги избегнеш почестите. Не можам да те разберам. Нема човек што не ги сака почестите. Да сум јас на твоето место! Но, ние сметаме на сè. Ништо нас не може да нè збуни. Сметавме на твојата преголема скромност. Собранието ме овласти да ти го предадам ловоровиот венец дома. Стани. (Науме станува. Стои на здравата нога) КАПЕТАН МАГДОНОС: Упорно си ја играш улогата? НАУМЕ: Ти ја кажав вистината! КАПЕТАН МАГДОНОС: Кога некој е долго во служба на државата почнува да верува дека вистината и државата се едно. Нашата вистина е секогаш вистина. Молчи. Може и да се налутиме. Имам чест, според решението на собранието на нашата слободна македонска држава да ти го доделам овој ловоров венец кој се доделува за особената храброст покажана во борбата со Византијците - вечните непријатели! Те прогласуваме за Народен Херој! Кажи нешто. НАУМЕ: Веќе сè ти кажав. КАПЕТАН МАГДОНОС: Морам да одам. Татковината ме вика! (Излегува) ПИРГА: Така значи? НАУМЕ: Дали ти ми веруваш? ПИРГА: Зошто не ми кажа? НАУМЕ: Ми беше страв. ПИРГА: Од што? НАУМЕ: Од потсмевање. ПИРГА: На лажните херои им се смеат. За мене сега си Храбриот Науме. Собра храброст да ја признаеш вистината. Те сакам. Пак си мојот стар, познат маж. Што ќе правев, ако одеднаш, после толку години поминати заедно, станеше некој друг, непознат за мене? Дај да ти ја видам петицата? НАУМЕ: Му реков сè како што беше. ПИРГА: Раната од трнот почнала да гнои. Но, јас ќе те излечам. НАУМЕ: За сè е виновен овој трн. ПИРГА: За сè е виновна војната. НАУМЕ: Што да правам со овој ловоров венец? ПИРГА: Ќе го чуваме - за во манџа. Лисјата се добри за зачин. Сцена 6. (НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД) (Влегува Капетанот Магдонос) КАПЕТАНОТ МАГДОНОС: Еве го пиедесталот! Да имав коњ ќе го донесов побрзо. На него ќе стои стапалото на Храбриот Науме излиено во бронза! Сега ќе го донесам и стапалото. (Излегува) (Влегува Војниче Фалбаџиче) ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Циценце! (Влегува Доилката) ДОИЛКАТА: Вака ли го бркаш непријателот? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Јас непријателот воопшто не го бркам. Штом непријателот ќе ме здогледа се вкочанува од страв. Јас полека доаѓам и му ја скаструвам главата. ДОИЛКАТА: Што се случило со твојата глава? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Дупната ми е. ДОИЛКАТА: Кој ти ја дупнал? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Непријателот. Ги гаѓаа градските ѕидини, а мене ме погодија. Нема ден да не ме погодат. ДОИЛКАТА: Да не ти ја дупнала главата некоја жена? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Зар јас да се тепам со жени? ДОИЛКАТА: Кутричок мој, можеле главата да ти ја смачкаат. ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Не се плашам јас за својата глава. Еднаш непријателот ме фати и ми ја ставија главата на трупец. Ладнокрвно им реков: „Бидете попрецизни. Минатиот пат ме промашивте“. ДОИЛКАТА: А тие? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Паднаа во несвест. Го искористив тоа и здувнав. ДОИЛКАТА: Забележуваш ли нешто необично овде? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Забележувам. Јас сум необичен. Кога не војувам изгледам многу необично. ДОИЛКАТА: Овој пиедестал не беше овде. Зошто ли го ставиле овде? ВОЈНИЧЕ ФАЛБАЏИЧЕ: Не сакав да ти кажам, да не излезе дека се фалам. На овој пиедестал ќе ја стават мојата скулптура. Во природна големина, се разбира. Погледни ме. (Се качува на пиедесталот) Јавам на бел коњ и со копјето го прободувам византискиот цар. Колку убаво го извајале моето мускулесто тело! Коњот стои на задните нозе, а со предните нозе го удира непријателот! (Доилката излегува) Пред мене, околу мене, труповите на непријателските војници. Тука клечат другите наши историски непријатели и ме молат за милост... Циценце? Каде си, циценце? Не виде како ги суредив? Циценце? (Слегува) Циценце! Чекај ме, циценце! (Излегува) (Влегува Капетан Магдонос носејќи го стапалото) КАПЕТАН МАГДОНОС: Еве го величественото стапало на Храбриот Науме! Колку убав симбол на нашата самостојност! Сите во собранието беа трогнати од скромноста на Храбриот Науме. Заклучија дека само голем херој може да измисли онаква приказна за трнот. Ме пофалија што сум му го дал ловоровиот венец дома. Фала богу, ја завршив оваа работа! Најтешко ми беше да го земам ловоровиот венец од газдарицата на Растрбуштениј. Убаво ~ реков: „Во името на државата дај ни го ловоровиот венец“. Таа списка: „Во името на љубовта, не го давам, ми треба за ѓаволовиот сос! Тројца мажи ми загинаа за државата, барем овој, кираџијава, оставете ми го!“ Морав да им наредам на војниците да ја држат додека го барав ловоровиот венец. Среќа, уште не го ставила да се вари. Само го натопила со маслиновото масло. Едвај го исчистивме. Го дотеравме како нов да е. Одам, државата ме вика! (Излегува) (Влегува Растрбушентиј) РАСТРБУШЕНТИЈ: Каде ли е мојот ортак, колбасарот Маснотиј? Што ли направил? (Влегува Зигфрид Археологот) ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Збогум, стари Македонци! Ве напуштам до следниот слој! РАСТРБУШЕНТИЈ: Збогум археологу! ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Одлично! Продавачот на шлемови! Многу ми помогна да го купам овој свет гроб на страшниот македонски воин, повеќекратниот херој Растрбушентиј! РАСТРБУШЕНТИЈ: Баш ми е драго што ти бев од корист. Скапо го купи гробот? ЗИГФИЛД АРХЕОЛОГОТ: Многу евтино. РАСТРБУШЕНТИЈ: Не требаше да го прашам. Ќе пукнам од мака. Каде сега? ЗИГФРИД АРХЕОЛОГОТ: Останувам во Македонија, но еден слој над вас. Македонија чека да биде откриена! Македонија е мојот златен рудник. Не си одам додека потполно не го искористам. Догледање, добри Македонци! Ве напуштам, до следниот слој! (Излегува влечејќи го гробот) РАСТРБУШЕНТИЈ: Збогум, археологу! Збогум, гробе мој, минато мое славно. Зошто не му барав повеќе? (Влегува колбасарот Маснотиј) МАСНОТИЈ: Ортак, успеавме! РАСТРБУШЕНТИЈ: Каде си до сега? МАСНОТИЈ: Ортак, твојата замисла се оствари. Многу заработивме. Не прашувај колку. РАСТРБУШЕНТИЈ: Најпосле да ми тргне нешто во животот на арно. Нашиот сон ќе биде јаве! МАСНОТИЈ: Веќе ја гледам нашата гостилница. РАСТРБУШЕНТИЈ: На влезот во градот, покрај езерото, среде маслиновата шумичка. МАСНОТИЈ: Како ќе ја наречеме гостилницата? РАСТРБУШЕНТИЈ: Гостилницата „Храбриот Науме“! МАСНОТИЈ: Прекрасно! Мојава подвижна менза ќе ја ставиме на влезот во гостилницата. Ќе служи како знак за распознавање. РАСТРБУШЕНТИЈ: Со моите стари ордени, со моето старо оружје ќе ги украсиме ѕидовите на гостилницата. МАСНОТИЈ: Ќе имаме богат избор на јадења. Наш специјалитет ќе бидат колбаси „Храбриот Науме“! МАСНОТИЈ И РАСТРБУШЕНТИЈ: Колку е убава нашата гостилница! РАСТРБУШЕНТИЈ: Ќе бидеме богати! МАСНОТИЈ: Ќе бидеме ценети! РАСТРБУШЕНТИЈ: Ќе бидеме познати! МАСНОТИЈ: Фала ти Храбар Науме! РАСТРБУШЕНТИЈ: Фала ти, како на брат! РАСТРБУШЕНТИЈ: Одиме да прославиме. МАСНОТИЈ: Одиме. РАСТРБУШЕНТИЈ: Пријатно. МАСНОТИЈ: До гледање. РАСТРБУШЕНТИЈ: Ако сакате да поминете убава вечер, во опуштена атмосфера, со песна и музика, со богат избор на јадења, дојдете кај нас. МАСНОТИЈ И РАСТРБУШЕНТИЈ: Гостилницава „Храбриот Науме!“ МАСНОТИЈ: На влезот во градот... РАСТРБУШЕНТИЈ: Покрај езерото, среде маслиновата шумичка. (Излегуваат)